• Горан Упале
Кошаркарската репрезентација на Македонија против Литванија ќе се обиде да дојде до позитивен резултат кој ја носи на уште еден чекор поблиску до пласман на наредниот Евробаскет, кој во 2025 година ќе се одржи во четири различни држави.
Токму овој дуел ФИБА го „номинираше“ како еден од десетте кој вреди да се погледнат во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“ од квалификациите за место на Евробаскетот 2025. На сајтот на светската кошаркарска федерација стои и тоа дека двете селекции го дочекуваат овој ноември со идентичен скор (1-1) во групата Х, со потсетување на оние незаборавни, за нас, моменти од Европското првенство од 2011 година, кога го победивме домаќинот на тој Евробаскет.
Ако Литванците загубат двапати до крајот на овој квалификациски циклус, како што се вели во најавата за овој натпревар во Скопје, извесно е дека може и да „влезат“ во ситуација во која беа и во претходните квалификации, кога некако ја „преживеаја“ Данска.
Од друга страна, по убедливиот февруарски триумф на гостински терен во Полска, нашиот национален тим е со активни шанси за продолжување на амбициите поврзани со уште еден настап на Евробаскетот.
Средбата со Литванија е закажана за на 21 номеври (четврток), е ќе се игра во салата на СРЦ „Кале “ во Скопје, со почеток од 18:00 часот.