ФИБА го смени форматот, познати четирите домаќини на женскиот Евробаскет

Извршниот комитет на ФИБА Европа одлучи, организациата на наредното Европско првенство во женска конкуренција да им ја додели на четири земји, Чешка, Германија, Грција и Италија, кои ќе ја обезбедат „главната сцена“ за 40-тото издание на еден од врвните европски настани во кошаркарскиот календар.

Секоја земја ќе биде домаќин на дел од групната фаза, а точните локации ќе бидат потврдени подоцна - пред финалната фаза која ќе биде реализирана во Грција, поточно во главниот град, Атина, каде што ќе бидат крунисани шампионите. Ова ќе биде за првпат Европското првенство за жени да биде организирано во четири различни земји на стариот континент. Претходно, од имплементацијата на форматот за ко-домаќин во 2015 година, секое издание на Евробаскетот имаше по две земји-домаќини.

Прво тоа беа Романија и Унгарија, потоа во 2019 година, улога на организатори беа Србија и Летонија во 2019 година, следуваа Шпанија и Франција во 2021 година, додека последниот турнир се одржа во Словенија и Израел. Вкупно 36 репрезентации, вклучително и четирите ко-домаќини, ќе се натпреваруваат во квалификациите за женскиот Евробаскет во 2025 година.

Останатите 32 селекции, меѓу кои и нашата најдобра женска репрезентација, ќе бидат поставени во осум групи (од по четири екипи) и ќе се борат за дванаесет места во финалната рунда.

Ждрепката за квалификациите ќе се одржи на 19 септември во „Куќата на кошарката“ во Мие, а првиот ФИБА „прозорец“ ќе се одржи во ноември 2023 година.