• Иван Димовски

Европската кошаркарска федерација (ФИБА) го одреди распоредот на натпревари за групната фаза на Европското првенство 2022 година. Турнирот кој ќе се одржи во Чешка, Грузија, Германија и Италија ќе стартува на први септември.
Со пладневен натпревар, од 12:30 часот во Тбилиси, завесата ќе ја крене пресметката меѓу Шпанија и Бугарија, додека еден час подоцна ќе играат Босна и Херцеговина со Унгарија во Келн. На отворањето во групата А ќе играат уште Русија со Турција и Белгија со Грузија, додека во групата Б во Германија ќе се сретнат Словенија со Литванија и домаќинот со Франција
Следниот ден ќе стартуваат возбудувањата во групите Ц и Д во Милано и Прага. Групната фаза ќе трае до осми септември, по што плеј-офот се сели во Берлин. Осминафиналните пресметки се закажани за десетти, четвртфиналињата и полуфиналињата се по три дена подоцна, додека големото финале ќе се одигра на 18 септември.
Целосниот распоред за натпреварите од групната фаза и саатниците за нокаут рундата, погледнете го на ОВОЈ линк.
Македонија за малку извиси да дојде до место на Евробаскетот. Иако во последните две кола запиша победи над Италија и Естонија, последниот ривал поради подобар меѓусебен дуел отпатува на континенталниот собир.