• Горан Упале
Кошаркарите на Соединетите Американски Држави беа подобри од Германија 92-88, на генералната проба за кошаркарскиот турнир на Олимписките игри.
Избраниците на Стив Кер одиграа неизвесен натпревар, исто како и против Јужен Судан (101-100), на истото место, во лондонската „О2 Арена“. Спасител на Американците во дуелот со светскиот шампион повторно беше Леброн Џејмс и покрај тоа што е на прагот од 40. година.
Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс беше насекаде кога најмногу требаше, и дефанзивно и офанзивно. Во последните минута и пол најпрвин погоди тројка, а потоа и двојка, со која го најави конечниот триумф на првиот фаворит за златото во Париз.
Леброн го заврши натпреварот со 20 поени, 6 скока и 4 асистенции, Џоел Ембид додаде 15, 8 скока и 5 асистенции, а Стеф Кари постигна 13 поени. За Германија, Франц Вагнер запиша 18 поени и 7 скока, Андреас Обст додаде 14, а Денис Шрудер 13 поени.