• Мартин Танасковски

Екипата на Феникс 2010 забележа важна победа во Суперлигата и на домашен терен во драматичен натпревар славеше над МКК Куманово со резултат 86-84.
- Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и МКК Куманово:
Дуелот во Скопје тргна во знакот на гостинот, кој имаше тројца расположени поентери во текот на целиот натпревар. МКК Куманово имаше 19-28 по првата четвртина, но Феникс одигра одличен втор квартал и со 30 постигнати поени и добра одбрана ја анулира негативата која ја имаше во првите десет минути, па замина на пауза со предност (49-41).
Стевановиќ, Митревски и Радукиќ беа главна алка во тимот на Марин Докузовски на овој меч, па во третиот квартал го држеа гостинот во игра. Двата тима беа близу константно, си го предаваа водството, а слично беше темпото и во последниот период.
Главниот удар за победата, Феникс го зададе кога од 78-82, преку Дајсон и Матеус врза седум поени во серија, за 85-82. На девет секунди пред крајот Луковиќ реализира два „пенали“ (85-84), а потоа иако Куманово имаше напад за реми, Митевски газеше во аут при шутот и така Куманово го загуби мечот.
Најдобар стрелец кај победникот беше капитенот Рахама со 18 поени, а исто така 18 поени даде и Матеус. Кај Куманово, Митевски заврши со 26 поени, Радукиќ додаде 21 поен, а Стевановиќ имаше 20 поени.
Феникс со оваа победа скокна во плеј-оф зоната со скор 6-8, додека МКК Куманово има три порази во низа и е на четвртото место со скор 7-7.












