• Горан Упале

Кошаркарите на Феникс извојуваа луда победа во последниот денешен натпревар од Првата кошаркарска лига на Македонија, откако се врати од „-16“ и по две продолженија славеше против Тиквеш со 112-103.
- Koмплетниот натпревар:
Кавадарчани натпреварот го отворија далеку по помотивирано и поефикасно, а тоа се одрази и на резултатот. На првата мала пауза се замина со 15-26 за гостите, а во следните десет минути се играше израмнета кошарка и Тиквеш успеа да го сочува двоцифреното водство (35-45).
Возбудливо беше и во третиот квартал, гостинот беше подобар на стартот и за првпат се искачи на плус седумнаесет разлика, но финишот му припадна на домаќинот, кој во пресрет на последната четвртина спушти на подносливи осум поени негатива. Во клучниот период Феникс конечно заигра како што најдобро знае и со многу среќа во финишот се избори за продолжение. Немаше победник ниту по првите пет минути, но во вторите Феникс презеде сè под контрола и на крај заслужено славеше со 112-103.
Митревски со 26 поени беше најпрецизен кошаркар кај Феникс, додека за поразениот Пантелиќ со 25 поени.