Феникс Санс на продажба, франшизите од овој град ќе добијат нов сопственик

Роберт Сарвер, контроверзен американски бинзисмен и човек кој е сопственик на тимовите во НБА и ВНБА лигите Феникс Санс и Феникс Меркјури, е приморан да ги продаде франшизите. 

Тој е суспендиран на една година од спортот поради навреди на расна основа и злоставување на работно место. НБА лигата долго го разгледуваше случајот пред да го казни Сарвер, а покрај суспензијата доби и санкција од десет милиони доларии. 

„Започнав потрага за купувачи за Санси и Меркјури. Не сакам да бидам дистракција за тимовите и за добрите луѓе кои работат таму. Сакам овие две организации и вклучените во проектите да имаат само успеси“, кажа Сарвер. 

Сарвер се теретеше со многу обвиненија, тој во повеќе наврати имал неприкладни расни, сексуални и други коментари кон свои вработени. Поради тоа епилогот беше јасен, суспензија која го оддалечува од спортот. 

Тимот кој минатата година играше во полуфиналето на западната конференција и загуби од Далас, се очекува да добие нова сопственичка структура.