ВИДЕО: Феникс не застанува, победи и на жешкиот терен во Бруклин

Феникс

Феникс Санс покажа дека е екипата во најдобра форма во НБА лигата и славеше на гостувањето кај Бруклин Нетс (107-113). Минатогодишниот вицешампион стигна до 16 победи во низа и тоа против еден од фаворитите за титулата пред почетокот на сезоната. Првата и третата четвртина „сонцата“ од Аризона ги добија со убедлива разлика и си направија залиха за финишот. Девин Букер постигна 30 поени за гостите, а најефикасен на теренот беше Кевин Дурант со 39 поени.

Нова блескава партија запиша Лука Дончиќ со 33 поени и десет асистенции, но неговиот Далас Маверикс загуби на домашен терен од Вашингтон Визардс (114-120). Словенецот не доби голема помош од соиграчите, што беше главна причина за неуспехот. Бредли Бил го водеше гостинскиот тим со 26 поени.

Солидната сезона на Кливленд Кавалирс продолжи со домашното славје против Орландо Меџик (105-92). Стартерите на тимот од Охајо ја завршија работата, постигнувајќи комбинирани 85 поени.

Џоел Ембид се врати на терените со 42 поени и 14 скока. Меѓутоа овој учинок не ѝ помогна на Филаделфија да се радува на дуелот со Минесота Тимбервулвс (120-121). Гостите беа за нијанса подобро по двете продолженија, а херој на крајот беше Д'Анџело Расел со 35 поени.

На останатите средби победи запишаа Јута, Мајами, Хјустон и Њујорк.