• Иван Димовски
Кошаркарите на Феникс 2010 се радуваа на само втора победа оваа сезона, откако на домашен паркет во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ го совладаа Гостивар со 74-66.
- Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и Гостивар:
Избраниците на Денис Дервишовски ставија крај на серијата од четири порази во низа, а го втурнаа Гостивар во иста таква низа со четири неуспеси. Средбата во Скопје беше израмнета, а домаќините се радуваа во драматична завршница.
Водеше Гостивар во првата четвртина, а дури во втората следеше будење на домаќините. Се играше израмнето до полувремето и на пауза се замина со нерешени 35-35. Кош за кош се играше и во вториот дел, а гостите имаа предност на стартот на последната четвртина. Поведоа гостиварчани и со 52-58, но потоа следеше пад во играта.
Феникс до крајот направи серија од 22-8 до крајот и стигна до втората сезонска победа. Најефикасен играч на мечот беше Митревски со 23 поени, додека Роудс кај Гостивар уфрли 17.