Фени брзо го заборави болниот пораз од Гостивар и го „уништи“ Охрид

По неочекуваниот болен пораз по продолжението од Гостивар, кошаркарите на Фени Индустри им се вратија на успесите во Првата лигата, откако на гости забележаа нова рутинска победа над тимот на Охрид (86-101). 

Стартот на мечот во „Билјанини Извори“ им припадна на домашните кошаркари, кои подобро отворија и се одлепија на +7 (10-3), но Фени брзо се созеде и веднаш израмни на 11-11, а на првата мала пауза замина со позитива од четири поени (16-20).

Во вториот квартал кавадарчани презедоа сè во свои раце и одлично ги казнуваа грешките на противникот, па веќе стигнаа до двоцифрена предност која во продолжението од минута во минута ја зголемуваа. На крај Фени стигна до заслужена победа од дури 15 разлика. 

Најпрецизни во таборот на победничката екипа беа Фундербург со 23 и Петровски и Мајер со по 16, додека кај Охрид се истакнаа Зафиров и Андрејевиќ исо по 16, односно 17 поени. 

Со оваа победа кавадарчани значително ги зголемија шансите за учество во Суперлигата и на четири кола до крајот на регуларниот дел од сезоната со десет победи и шест порази се стационирани на четвртото место на табелата. На другата страна Охрид ја продолжи низата на лоши резултати и остана на деветтото место, пред Вардар и Шкупи.