Фенерџијата Кожув ги пречекува перфектните пелистерци

Лидерот во македонската Прва лига, екипата на Пелистер, денес со почеток од 17:30 часот ќе го одигра заостанатиот натпревар од првото коло против Кожув.

Битолчани важат за големи фаворити, со оглед на бодовната ситуација и изгледот на табелата. „Зелено-белите“ досега имаа решение за сите шест противници во домашното првенство, а не се очекува да имаат големи проблеми на ова патување во Гевгелија.

Домашните кошаркари по подолг период ќе одиграат официјален натпревар. Во досегашниот тек од сезоната има запишано само три меча, на кои остварија исто толку порази. Последниот настап на гевгеличани датира од ноември минатата сезона, од кога во тимот пристигнаа неколку засилувања. Лем и Силаџи одлучија да го засилат македонскиот тим на центарските позиции.

Денес силите ќе ги одмерат уште и Работнички и Црн Дрим во рамки од 8. коло со почеток од 16:00 часот. Нема дилеми и околу фаворитот на овој натпревар на кој гигантот од Градски Парк ја брка петтата сезонска победа.