Фенербахче заслужено во финалето, Европа ќе добие нов кошаркарски владетел!

Кошаркарите на Фенербахче го совладаа Панатинаикос во првото полуфинале на завршниот турнир во Евролигата со конечни 82-76 и обезбедија пласман во големото финале. Турскиот гигант успеа да го запре напаѓачки најдобриот тим во елитата, кој воопшто немаше свој ден и имаше 13 загубени топки, а остана и без јасна и широка идеја во офанзивата. 

Фенер многу подобро го започна мечот, имаше водство скоро во целиот тек на првите две четвртини, а успеа да стигне и до највисоки +12. Тимот на Шарунас Јасикевичус можеше во овие моменти да има и уште поубедлива предност ако играчите не промашеа неколку обиди за три поени во низа. 

Панатинаикос се мачеше во нападот, имаше и период од две минути без постигнат поен, но успеа да се врати до паузата на само пет поени негатива, 33-38. Грчкиот гигант заигра поангажирано на стартот од вториот дел, Кендрик Нан стигна до 15 поени на почетокот од третиот период и го одржуваше својот тим на пристојна разлика. 

Јасикевичиус имаше замерки за одбраната на неговиот тим, повика тајм-аут и го искажа својот бес, но ова уште беа моменти на „детелинките“ од Атина, кои целосно се вратија во игра (45-42) и најавија евентуална возбудлива завршница. Фенер малку „мрдна“ кој крајот на третата делница, а со забивањето на Вејд Болдвин се врати на +7 во пресрет на последните десет минути. 

Ништо уште не беше готово за актуелниот европски првак, но тимот на Ергин Атаман тргна лошо во завршната четвртина. Работеше офанзивниот скок кај Фенербахче, Николо Мели постигна тројка, но врати Чеди Осман на другата страна. Се чинеше дека турскиот гигант е во подобар ритам и се одржуваше на позитива од осум поени до 35. минута, кога ПАО влезе во големи проблеми по петтата лична грешка на Кендрик Нан.

 

Фенербахче успеа да побегне на +11 и изгледаше дека е поблизу до триумфот, но ПАО се одржуваше во живот со поените на Осман и Матијас Лесор. Грците имаа само -4 во пресрет на последните две минути, но сепак со тројката на МекКолум, Фенер ги реши сите дилеми и на крајот славеше со конечни 82-76.

Најефикасен кошаркар во победничкиот тим беше Девон Хол со 18 поени, Ерик МекКолум додаде уште тринаесет, а во спротивниот табор прво име беше Чеди Осман со 22 поени. Фенербахче патува во големото финале и ќе се бори за вториот трофеј во својата историја.