Фенербахче со одличен втор дел го сруши Олимпијакос во Евролигата

Кошаркарите на Фенербахче ја прекинаа серијата на Олимпијакос од три победи во низа во Евролигата и во Истанбул го совладаа ривалот со 94-80. Еден од ретките дуели кои не доживеаја одложување во 20. коло на елитното европско натпреварување во „Улкер Спортс Арена“ му припадна на домашниот колектив. 

По добриот старт на Фенер, предноста пред крајот на првиот период ја презеде гостинот. Олимпијакос поведе, ама немаше сили да се одлепи. Иако во поголемиот дел од втората четвртина Грците имаа резултатска контрола, не го материјализираа тоа и на пауза заминаа со „само“ три поени предност (36-39). 

Сепак, ситуацијата се промени во продолжението. Фенербахче заигра одлично и го притисна ривалот, па со одлична игра во третиот период ја презеде позитивата. Во последните десет минути турскиот тим влезе со двоцифрена предност, која не ја испушти до самиот крај. Напротив, Фенер во четвртиот период водеше и со убедливи +20, па заслужено победи. 

Најдобар поединец во победничкиот табор беше Махмутоглу кој уфрли 17 поени, а од огромна помош беше и Полонара со 15. Кај Олимпијакос се истакнаа Дорсеј и Слукас со по 14, а по 12 поени уфрлија Папаниколау и Принтезис.