Фенер стави крај на кризата и го совлада Баерн, Барселона сигурна во Литванија

Шампионот на Евролигата од пред три сезони, Фенербахче, конечно стави крај на кризата и трите порази во низа во елитното кошаркарско натпреварување, откако пред својата публика со сигурни 90-82 славеше над тимот на Баерн Минхен

Во рамките од седмото коло на Евролигата, турскиот гигант по пауза од скоро еден месец ги израдува своите фанови и ја запиша само втората победа, a најзаслужен за тоа беше Дерик Вилијамс, кој блескаше на паркетот и беше најефикасен поединец на мечот. 

По израмнетите три четвртини, во последната, квалитетот на Фенербахче дојде до израз и избраниците на Обрадовиќ конечно го скршија отпорот на тимот од Минхен и се вратија во живот во кошаркарската елита. Американскиот ас мечот го заврши со 19 поени, а солиден учинок имаа и Манмутоглу со 14 и Слукас со 13 поени. Кај Баерн прв стрелец беше Монро со 19 постигнати поени. 

Во дербито на вечерта во Евролигата, Барселона ја оправда фаворитската улога која ја имаше пред мечот и со сигурни 86-93 славеше победа над литвански Жалгирис. Каталонците уште од самиот почеток го презедоа водството, кое го контролираа во текот на целиот натпревари и заслужено ја прокнижија шестата победа. 

Хигинс со 27 и Миротиќ со 24 беа први поентери во редовите на Барселона, додека кај домашниот тим се истакна Волкам со 15 поени.