Фенер ќе го брани трофејот на Ф4 во Евролигата, Валенсија со брејк кај ПАО избори „мајсторка“

Кошаркарите на Фенербахче го победија Жалгирис (90-94) по продолжение и се пласираа на завршниот турнир во Евролигата. Турскиот тим по голема драма направи брејк и го скрши ривалот за место меѓу четирите најдобри каде што ќе го брани трофејот. Дуелот во Каунас беше целосно израмнет, а домаќинот има за што да жали бидејќи имаше водство во завршната четвртина, но капитулира во продолжението. 

Со најголем придонес во тимот на Жалгирис беше Франциско со 23 поени, додека кај Фенербахче најдобри беа Бирч и Хортон-Такер со по 21.

Валенсија исто така по огромна драма избори „мајсторка“ во борбата за место на „фајнал-фор“ турнирот. Шпанците славеа на тешкото гостување кај Панатинаикос со 86-89 и дома ќе играат за пласман во полуфиналето. Со 29 поени во таборот на Валенсија се истакна Монтеро, додека кај Панатинаикос најдобар беше Чеди Осман со 26.