• Горан Упале

Екипата на Панатинаикос е првиот финалист на „фајнал-фор“ турнирот на Евролигата. Во првото полуфинале, одиграно во Берлин, „зелените“ беа убедливи против Фенербахче и славеа со 73-57. Турскиот тренер Ергин Атаман по четврти пат ќе игра финале на Евролигата, а Шарунас Јасикевичиус и со трета различна екипа како тренер не успеа да го освои големиот трофеј.
Пресметката меѓу грчкиот и турскиот гигант започна со задоцнување од половина час, а причината за тоа беа нередите кои се случија непосредно пред натпреварот, а во главна улога беа навивачите на двата клуба. Нередите започнаа уште на улиците во Берлин, а потоа и пред влезовите на арената, па затоа организаторот беше приморан да го пролонгира стартот на натпреварот.
А, откако започна битката - Фенербахче доживеа неочекуван шок. Панатинаикос отвори моќно и квалитетно и постигна 12 поени во низа (12-0). Турскиот тим долго време се мачеше во нападот, а „мразот“ го скрши дури во шестата минута, кога Хејс ги постигна првите поени (12-2). Следуваше период на израмнета игра на двете страни, па на првата мала пауза се замина со 22-13 за ПАО.
Во вториот квартал Турците успеаја да се консолидираат и заиграат далеку поквалитетно. Тоа резултираше со намалување на предноста на Панатинаикос на само два поени на полувреме. По паузата се водеше битка каква што се очекуваше. Двете екипи ги зацврстија одбраните и не дозволуваа противникот да влезе во серија, а во таквото надмудрување за нијанса поефикасен беше грчкиот тим, кој за финалните десет минути си обезбеди предност од шест поени (56-50).
Но, наместо вистински спектакл во последната четвртина, ПАО одново презеде сè во свои раце. Брзо се одлепи на поубедлива предност и рутински го сведе натпреварот до крај. Конечниот резултат гласеше 73-57. Првото полуфинале се одигра пред полни трибини во „Убер Арена“ во Берлин, како и пред очите на НБА-легендата Скоти Пипен, и ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокумбо.
Лесорт со 17 поени беше најпрецизен кај победничкиот тим, додека за Фенер прв поентер беше Хејс со 14 поени. Во второто полуфинале вечерва ќе се сретнат екипите на Олимпијакос и Реал Мадрид.