Фенер им се врати на евролигашките победи, Ефес лесно го преслуша Химки

Екипата на Фенербахче им се врати на победите во кошаркарската Евролига и на домашен терен убедливо славеше над литванскиот претставник Жалгирис (78-61).

По поразот од Химки во претходното коло, тимот на Одбрадовиќ одигра доминантен меч и запиша посакуван триумф пред домашната публика. Победата се најави уште на полувремето, кога се имаше предност од 14 поени (43-29), а со добар трет период само се потврди разликата меѓу двата тима и со мирни десет минути се потврди епилогот во Истанбул.

Најдобри кај победникот беа Слукас и Махмутоглу со по 14 поени, додека Весели постигна 13 поени. Кај Жалгирис, Брендон Дејвис заврши со 12 поени.

Анадолу Ефес, пак, на домашен терен со 81-72 беше подобар од руски Химки. Домаќинот резултатската разлика ја направи по полувремето (36-34), кога отвори одлично и со серија од 11-2 успеа да се одлепи на 47-36, висока позитива која ниту еднаш не дозволи да биде загорзена до финишот.

Прво име беше Василије Мициќ со 16 поени и 8 асистенции, а Моерман, Данстон и Андерсон дадоа по 11 поени. Кај гостинот од Москва, Џордан Мики финишира со 14 поени.