Фенер и Перо во „роденденскиот меч“ го освоија Скопје, но 7.000 грла грмеа за Работнички и Тоше!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички го прослави својот 70. роденден со дерби-дуел против Фенербахче, кој го загуби со 60-92, но сепак, резултатот остана во втор план, затоа што легендата на мак-баскетот Тодор Гечевски го одигра својот последен меч и официјално и стави крај на кариерата.

Резултатот на семафорот е очекуван, затоа што разликата во квалитет е очигледна, но сепак, за нашиот тим тоа беше во втор план. Испраќањето на легендарниот Тоше беше „ударна вест“ на овој дуел, во кој Работнички парираше само на почетокот, а потоа играше кошарка само Фенербахче. Вкупно 7.000 гледачи го поздравија „најдоброто од Македонија“ и грмеа за него цел натпревар, што направи атмосфера каква што Македонија не памети.

Со двете тројки на Владо Илиевски и „двојката“ на Мишановиќ, тимот од Градски парк дојде до водство на почетокот од 8-4, но потоа гостинот го сврте резултатот во своја полза (8-9) и диктираше темпо на игра до крај на мечот. Со серија од 0-16 турскиот гигант дојде до водство од 8-20, а потоа во игра влезе Тодор Гечевски кој со „двојка“ ја прекина црната низа и воедно се одјави од кошаркарскиот паркет.

На крајот на првиот период резултатот гласеше 11-27, а на стартот на вториот период Фенер повторно направи серија, што резултираше со двојно водство на полувремето (24-48). По паузата Фенербахче дојде и до највисокото водство од 28 поени (29-57), а во последниот период, поточно седум минути пред крајот, на семафорот стоеше +30 (45-75). До финишот на средбата турскиот гигант успеа да го задржи водството од 30 разлика и да слави со 60-90.

Најефикасен кошаркар кај Работнички на овој меч е Ефремовски со 15 поени, а го следат Мишановиќ со 14 и Илиевски со 13 поени, додека Тоше Гечевски, кој замина во пензија постигна два поени. Кај гостинот најмногу се истакна Џиџи Датоме со 14 поени, а втор стрелец е нашиот Перо Антиќ со 13 поени.