Фенер го победи Ефес и израмни во финалната серија

Во четвртиот натпревар во финалето на плеј-офот на турскиот шампионат Фенербахче го победи Анадолу Ефес (82-73) и израмни на 2-2 во серијата подобар од седум. И натаму со по еден брејк во серијата, блага предност има Анадолу Ефес, кој би играл хипотетички седми натпревар на домашен терен.

Враќањето на Луиџи Датоме под обрачите и тоа како се почувствува и екипата од азискиот дел на Истанбул доминираше под обрачите, нешто што не беше случај во дуелот од полуфиналето на Евролигата во Виторија на средината на месец мај.

По неочекуваниот дебакл пред своите гледачи на претходниот меч, кошаркарите на Жељко Обрадовиќ се вратија во игра за титулата и сега истата ќе мора да ја обезбедат на гостински терен. Домашниот тим сериозно го започна мечот и преку Слукас изгради двоцифрена предност по првите десет минути. Противникот ја преполови предноста до полувремето, но тоа беше се што направи.

Третиот квартал донесе егал, а Фенер со одлична завршница на бековите стигна до втората победа во финалната серија. Немаше драма во последните мигови, бидејќи со исклучок на Мициќ, „пиварите“ немаа ниту еден расположен кошаркар во своите редови. 

Мехметоглу со 19 и Слукас со 16 поени беа најефикасни кај Фенер, а Мициќ со 16 поени се истакна во тимот на Атаман. 

Следниот меч се игра за два дена, а домаќин ќе биде актуелниот европски вицепрвак. Важните натпревар Анадолу Ефес ги игра во „Синан Ердем Дом“, а не во помалата сала „Абди Ипекчи“.