• Горан Упале
Европскиот кошаркарски шампион, Фенербахче, по пауза од две години за првпат играше едно финале без нашиот Перо Антиќ, но тоа не ги спречи избраниците на Жељко Обрадовиќ да го освојат првиот трофеј во новата сезона. Турскиот гигант вечерва славеше во домашниот Суперкуп, откако со убедливи 75-64 го реши победникот на Купот, тимот на Банвит.
Кошаркарите на Фенер моќно го започнаа денешниот меч и уште од воведните минути му дадоа до знаење на противникот дека Суперкуп-трофејот на крај ќе заврши во нивни раце. Во првите 10 минути шампионот се одлепи на +8 (19-11), додека на големата пауза замина со предност од +11 (39-28).
Третиот период не донесе различен тек на настаните, Фенербахче продолжи со цврстата одбрана и прецизниот напад, па во завршните десет минути влезе со водство +12 (60-48), кое до крајот на мечот искусно го чуваше и стигна до заслужена победа од 75-64 и прв трофеј во новата сезона.
Најзаслужен за победата на Фенер беше Весели со 18 поени, Датоме постигна 17 коша, а Слукас мечот го заврши со 14 поени.