Федерацијата донесе одлука: Нема повеќе кошарка сезонава во Хрватска 

Хрватската кошаркарска федерација се реши да ја донесе најтешката одлука поврзана со домашната кошарка и ги прекина сите натпреварувања оваа сезона.

Поради големите проблеми со пандемијата со коронавирусот и немањето на услови за одигрување на натпревари, кошаркарската куќа во Хрватска означи крај на сезоната, а со тоа нема да бидат прогласени шампиони. 

„Со цел да се спречи ширењето на коронавирусот и во соработка со властите надлежни за оваа проблематика, донесовме одлука да означиме крај на кошаркарската сезона. Во лигите кои се под наше покровителство нема да биде прогласен шампион, а во следната сезона сите лиги ќе бидат сочинувани од истите клубови како и оваа“, велат од Хрватската кошаркарска федерација. 

Поради пандемијата со вирусот ковид-19, во последниот период сè повеќе федерации се решаваат да ги прекинат шампионатите, а сè уште сме во исчекување што ќе се случи со најсилното кошаркарско натпреварување – Евролигата.