ВИДЕО: Фаворитите одиграа по „ноти“ во Евролигата

Екипата на Фенербахче прокнижи посакувани бодови во Евролигата, иако потешко од очекуваното пред својата публика беше подобра од германски Баерн Минхен (88-84).

„Баварците“ му дадоа голем отпор на фаворитот уште од самиот старт на мечот. Резултатот беше претежно неизвесен, а разликата се направи во самиот финиш, кога од 81-80, домаќинот се одлепи на 86-80 и го приведе дуелот кон триумф.

Кај тимот на Обрадовиќ прва виолина беше Џиџи Датоме со 19 поени, а Јан Весели даде 16 поени, а кај Баерн Минхен, Девин Букер реализира 15 поени и Владимир Лучиќ застана на 13 поени.

ЦСКА Москва на домашен терен извојува пресврт-победа над грчки Олимпијакос (69-65). Беше драматично за фаворитот само по првиот дел, кога губеше со 18-27, па и со 27-33, но потоа влезе во ритам, со убедлив трет квартал го сврте мечот во своја полза и го приведе кон финишот.

Без двајцата главни играчи Нандо Де Коло и Никита Курбанов, лидер кај ЦСКА Москва беше Серхио Родригез со 20 поени, а Вил Клибурн даде 17 поени, додека кај Олимпијакос, Василис Спанулис реализира 16 поени.

Убедлив триумф запиша Басконија, која во арената „Фернандо Буеса“ во Шпанија ја прегази Дарушафака (82-56). Турците даваа отпор десет минути (16-16), а потоа почна доминацијата на домаќинот кој од минута во минута само ја зголемуваше предноста.

Торнике Шенгелија со 13 поени беше најефикасен кај победникот, а Дарун Хилиард даде 12 поени, додека кај Дарушафака, Савас и Ерик дадоа по 12 поени.