• Горан Упале
Екипата на Црвена Звезда загуби во Белград од Жалгирис со 91-93 во натпреварот од 26. коло на Евролигата. Српските навивачи, кошаркарите и медиумите се бесни на арбитражата, особено во клучните моменти од средбата. Црвена Звезда губеше со два разлика на самиот крај, но судиите Хуан Карлос Гарсија, Жорди Алијага и Кармело Патернико не видоа дека ѕвездата на Жалгирис, Кинан Еванс, стапна на централната линија.
Во тој случај топката требаше да ѝ биде доделена на домашната екипа. Судиите од паркетот беа испратени со свирежи, но и со „жив ѕид“ кој го направи обезбедувањето, бидејќи од трибините се фрлаше со сè и сешто. Тие беа чувани и при излегувањето од салата.
Споменатиот Кинан Еванс беше најдобар играч кај победничката екипа, постигна 25 поени и подели шест асистенции. Кај Црвена Звезда одлична партија одигра Јаго Матеус кој постигна 21 поен и подели 14 асистенции.