Фановите ги избраа Гечевски и Мекејлеб во идеалните петорки на Задар и Партизан

Двајца поранешни македонски репрезентативци и членови на генерацијата која беше четврта во Европа добија големи признанија од своите поранешни клубови. Јадранската АБА лига со посредство на своите фанови состави идеален тим на сите клубови во натпреварувањето, потпирајќи се на гласовите на сопствените симпатизери. 

Лестер Бо Мекејлеб, кој го носеше дресот на Партизан во сезоната 2009/10, е избран за член на идеалната петорка на белградскиот клуб, а кавадарчанецот Тодор Гечевски доби место во најдобрата петорка на хрватскиот клуб Задар, за кој настапуваше од 2004 до 2009 година.

Мекејлеб со Партизан ја освои АБА лигата, а играше и на „фајнал-фор“ на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10, а Гечевски со сигурност е еден од најдобрите странци во историјата на натпреварувањето.

Во АБА лигата настапуваше само еден македонски клуб, МЗТ Скопје, а од интернационалците со добар резултат се истакнаа Антиќ, Илиевски, Самарџиски...