Европско деби за Академија ФМП, Македонија добива и трет претставник во БИБЛ

Екипата на Навико Академија ФМП од следната сезона ќе се натпреварува во Балканската лига - БИБЛ. Скопскиот тим ќе го има своето европско деби во ова натпреварување. 

Навико Академија ФМП зад себе ја имаше најуспешната сезона во својата кратка историја, играјќи во полуфиналето на Купот на Македонија, како и четвртфинале во Првата лига. Сега, пред екипата предводена од Александар Петровиќ е нов, интернационален предизвик. 

Во новата сезона на БИБЛ лигата покрај Академија ФМП, настапите ќе ги продолжат и Куманово и ТФТ Скопје, кои се натпреваруваа и во претходното издание на натпреварувањето. Во лигата ќе се натпреваруваат дванаесет екипи во две групи.

Стартот на сезоната се планира за петти октомври, додека ждрепката ќе се одржи на 26 август во Софија.