• Иван Димовски
Кошаркарскиот клуб Партизан приреди изненадување и го совлада европскиот првак Панатинаикос со 91-73 во натпреварот од 14. коло на Евролигата. Одново во спектакуларна атмосфера во „Штарк Арената“ тимот на Жељко Обрадовиќ „кутна“ уште еден фаворит. Стигна српскиот тим до четири победи во низа и сериозно истакна кандидатура за плеј-оф.
Првата четвртина во Белград беше израмнета, водеа двете екипи во одредени моменти и заврши со 20-20. Во втората гостинот од Грција диктираше резултат, меѓутоа не поведе ниту еднаш со повеќе од два напади разлика. Пред одморот Партизан се консолидира и на полувреме се замина со 44-37.
Клучниот исчекор кон победата српскиот домаќин го направи во третиот период кога поведе и двоцифрено. Веќе во решавачката четвртина Партизан стекна и „плус 21“, за на крајот да слави со убедлива разлика над ланскиот првак. Карлик Џоунс со 18 поени и Стерлинг Браун со 17 го предводеа „црно-белиот“ тим до победата, а Костас Слукас од ПАО финишира со 15.
Тесна победа забележа екипата на Барселона на гостувањето кај Макаби (86-88). Втората средба во Белград понуди голема борба од која победнички излезе каталонскиот гигант. Нешто поубедлив беше Баерн кој во Минхен ја совлада Басконија со 94-80.
Реал пак поврза три порази, откако вечерва на домашен терен загуби од Фенербахче со 70-82. Фенербахче ја прекина мини-серијата од два пораза и дојде до десеттата победа сезонава
Утре се играат уште четири натпревари од 14. коло. Димитријевиќ со Олимпија Милано го пречекува Асвел, а Шортс со Париз игра во Пиреја против Олимпијакос.