Европската кошарка е друго ниво за МЗТ, трет пораз во Европа Купот

Европската кошарка е друго ниво за МЗТ Скопје, тоа се покажа и на гостувањето во Германија, каде македонскиот шампион доживеа пораз од Вурцбург (87-73) во рамки на третото коло на Европа Купот на ФИБА.

По двата домашни порази од грчки Ираклис и естонски Тарту, аеродромци паднаа пред ривалот од Германија кој ја забележа првата победа. Така, „штрковите“ сега се единствени со нула на своето конто кога се говори за победите во својата група.

Што се однесува до натпреварот, македонскиот шампион беше рамноправен само на стартот, а останатиот дел од мечот мина во резултатски плус на Германците предводени од Саша Филиповски, словенечки тренер со македонско потекло. По првите десет минути резултатот гласеше 21-21, а потоа, од 28-30, Вирцбург ја презеде иницијативата, со серија од 9-0 го сврти мечот на 37-30 и оттогаш цело време водеше. Највисокиот плус на ривалот беше во четвртиот квартал, кога имаше +17 (75-58).

Најдобар играч кај победникот беше Еди Колберт со 19 поени и 10 скока, го следеше Кени Даје со 11 поени и осум асистенции, додека кај МЗТ Скопје, Ноа Али Фаракан даде 14, а Андреј Маслинко 12 поени со уште седум скока.