Европа ќе добие континентален првак пред празни трибини во Келн

Раководството на Евролигата одлучи завршниот турнир од елитното натпреварување ќе се одржи без присуство на навивачи на трибините.

Ваквата одлука како што претставија претставниците на Евролигата е донесена за да се сочува здравјето на кошаркарите.

Затоа, пристап до „Ланксес Арена“ во Келн, каде ќе се одржи „Фајнал-форот“ ќе имаат ограничен број новинари, а лимитиран ќе биде и бројот на членови на екипите учеснички.

Со тоа официјално ќе се стави крај на сезоната која во најголем дел (со исклучок на Русија и Израел) се одигра без навивачи на трибините. Завршниот турнир е закажан за периодот од 28 до 30 мај.

Келн ја задржа организацијата откако лани, поради пандемијата предизвикана од корона вирусот, Евролигата беше прекината и не беше прогласен шампионот.