• Саше Љолес
Најсилното европско кошаркарско натпреварување, Евролигата, подготвува голема финансиска и структурна трансформација со која во следната деценија сака значително да ја зголеми вредноста на натпреварувањето, приходите на клубовите и бројот на учесници.
Според планот што го одобриле сите 13 клубови акционери, во следните десет години се предвидува распределба на вкупно 3,4 милијарди евра меѓу учесниците. Од оваа сума, 2,2 милијарди евра би произлегле од комерцијалните приходи, додека дополнителни 1,2 милијарди евра се очекуваат од надоместоците поврзани со проширувањето и франшизниот модел.
Амбициите на раководството се годишните комерцијални приходи на Евролигата да достигнат 650 милиони евра до крајот на десетгодишниот период. Како дел од стратегијата, предвидени се два периода за проширување на натпреварувањето - во 2027 и 2031 година.
Интересот за влез во проектот веќе е значителен. Евролигата, според информациите на повеќе специјализирани медиуми, располага со 15 обврзувачки понуди чија вкупна вредност достигнува 1,2 милијарди евра.
Планот предвидува и голем пораст на вредноста на клубовите и самата лига. Со преминот кон франшизен модел, уште од сезоната 2026/27 се очекува почетно зголемување на вредноста од 25 проценти. На долг рок, вкупната вредност на клубовите со лиценца би можела да достигне 5,4 милијарди евра, додека вредноста на Евролигата се проектира на 7,98 милијарди евра.
Сепак, финансискиот раст не е единствената цел. Едно од главните прашања е стабилноста на клубовите, со оглед на тоа што во моментов само 40 проценти од лиценцираните учесници се сметаат за финансиски одржливи. Евролигата очекува сите клубови да ја достигнат оваа состојба до крајот на првата фаза од планот.
„Сите клубови ја гледаат целосната финансиска одржливост како апсолутен приоритет, а десетгодишниот бизнис-план го поставува токму тоа во центарот“, изјави финансискиот директор на Евролигата, Чави Пујада.
Паралелно, се најавува и заострување на правилата за финансиски фер-плеј, како и поголеми вложувања во модернизацијата на салите. Овие мерки треба да им помогнат на клубовите да ги зголемат приходите и да изградат постабилни финансиски модели.
Позитивните трендови веќе се забележуваат, просечните приходи од натпреварувачките денови се удвоиле во последните три години, додека комерцијалните приходи на клубовите пораснале за 50 проценти. Евролигата сега сака тој раст да го претвори во долгорочен модел што ќе донесе поголема финансиска сигурност и посилна позиција на европската клупска кошарка.









