• Саше Љолес
Планот за формирање на НБА Европа во 2027 година доби неочекувана пречка. Клубовите кои се сопственици на Евролигата не ја прифатиле првата понуда што ја доставила НБА-лигата, јавија повеќе специјализирани кошаркарски медиуми.
Сепак, тоа не значи дека идејата за новото европско натпреварување е ставена во мирување. Според информациите, разговорите меѓу двете страни ќе продолжат во следните недели, со цел да се најде договор околу условите и начинот на функционирање на НБА Европа.
НБА има амбиција проектот да започне во 2027 година, но отфрлањето на иницијалната понуда отвора можност стартот да биде поместен. Една од опциите е натпреварувањето да започне во 2028 година, доколку преговорите не завршат со договор во предвидениот рок.
Во следниот период се очекуваат нови состаноци и дополнителни предлози од двете страни. Токму тие разговори би требало да дадат појасна слика дали НБА Европа ќе стартува според првичниот план или ќе биде потребно дополнително одложување.











