Евролигата се закани: Ако се случи сличен напад, нема да се играат мечеви во Грција

Евролига

Евролигата денес излезе со соопштение во однос на настаните кои се случија по мечот меѓу Панатаинаикос и Барселона во Атина.

Судиската тројка на чело со добро познатиот Луиџи Ламоника беа нападнати од страна на неколку домашни навивачи. Тие биле незадоволни од арбитражата и физички се пресметале со делителите на правдата.

Италијанецот завршил во болница, а полицијата започна истрага за да ги прионајде виновниците за овој немил настан.

„Евролигата, како и сите клубови кои учествуваат во натпреварувањето, ги осудува актите на насилство и води политика на нулта толеранција. Евролигата ќе ја поддржи полициската истрага. Доколку се идентификуваат двајцата напаѓачи, ќе им биде забрането да присуствуваат на кој било натпревар или настан во Евролигата за цел живот“, стои во соопштението на Евролигата.

Исто така најавено е дека казната би можела да прерасне во забрана за играње натпревари во Грција, доколку слична ситуација биде повторена во иднина.