Евролигата поважна од евро-квалификациите: Русија без Швед против Македонија

Тројца играчи од првичниот список на селекцијата на Русија, двајца од Химки и еден од Зенит Санкт Петербург, клубови кои се дел од Евролигата, нема да му бидат на располагање на селекторот Сергеј Базаревич за двата квалификациски натпревари во февруарскиот циклус на ФИБА, објавија од Руската кошаркарска федерација.

Најголемиот удар за Базаревич дефинитивно ќе претставува неиграњето на најдобриот руски кошаркар во овој момент – Алексеј Швед.

Швед и Вјачеслав Зајцев, исто како и Дмитриј Кхвостов, се носителите на играта на Химки, односно Зенит, два клуба кои во тој пеирод (од 20 до 23 февруари) имаат обврски кон Евролигата. Со одлука на стручниот тим, дојде до измени во списокот на кој се додадени уште тројца нови кошаркари.

Како замена за оваа „тројка“ доаѓаат тројца играчи на Њижњи Новгород. бекот Иван Стребков, и крилата Павел Антипов и Антон Астапкович. Интересно е дека на списокот на Базаревич, барем засега, остануваат имињата на играчите кои доаѓаат од редовите на московска ЦСКА, третиот евролигашки клуб од Русија.

Календарот на Евролигата пак вели дека на 20, односно на 21 февруари, на програмата се мечевите од 25 коло, во кое во првиот термин, Зенит ја дочекува Алба, а Химки гостува во Милано. А следниот ден „црвената армија“ е во Белград, на дуел со Црвена Звезда.

Теоретски сето тоа изгледа дури и изводливо. Но само за вториот меч, токму оној против нашата селекција кој е предвиден да се одигра на 23 февруари.