Евролигата го претрпува најголемото проширување во историјата!?

Сегашниот формат на кошаркарската Евролига со 20 учесници, кој ќе стапи на сила од сезоната 2025/26, најверојатно ќе биде само привремено решение. На ова индиректно укажа Еторе Месина, легендарниот тренер и актуелен стратег на Олимпија Милано, кој на прес-конференција изјави дека најсилното европско клупско натпреварување наскоро може да се прошири на 24 екипи.

„Нашата желба е веќе од сега да се премине на формат со 24 клуба. Од Бордот на Евролигата ни беше пренесено дека системот со 20 учесници е само привремено решение за една сезона, додека се подготвува поголемото проширување. Самиот факт дека клубовите знаат дека овој модел ќе трае само една година ја прави ситуацијата посложена. Во оваа лига, составите кои покажуваат поголема кохезија, и на теренот и надвор од него, ќе бидат оние кои ќе постигнат подобри резултати,“ подвлече Месина.

Евролигата ќе влезе во сезоната 2025/26 со два нови клуба, со што бројот на учесници ќе се зголеми на дваесет. Меѓу нив е и израелскиот Хапоел Тел Авив, кој поради безбедносни причини ќе ги игра своите домашни натпревари во Бугарија. Ако најавите на Месина се потврдат, европската кошаркарска елита веќе од сезоната 2026/27 би можела да се игра во формат со 24 екипи – што би претставувало најголемо проширување на натпреварувањето досега.