• Саше Љолес
Директорот на германскиот клуб Алба Берлин, Аксел Швајцер, конечно изнесе детали за одлуката за повлекување од Евролигата, потенцирајќи ја финансиската загуба како главна причина.
Швајцер смета дека наскоро истиот потег можат да го повлечат и други клубови кои постојано трошат големи средства, што доведува до нерационално празнење на клупската каса.
„Замислете да имате бизнис кој губи повеќе од 200 милиони евра годишно, и тоа во континуитет. Тоа никако не може да се нарече успех и сметам дека е небулозно да трошиме огромни средства.
Буквално сите евролигаши имаат финансиски потешкотии, иако кај дел од нив се чини дека не е така. Никој нема одржлив финансиски модел, сите живеат од сезона за сезона. Структурата на клубовите не е добра, мислам дека наскоро може да просведочиме егзодус од Евролигата“, изјави Швајцер.
Директорот на Алба Берлин на крајот потенцираше дека неговите зборови не треба да се сфатат како критика, туку како објективно согледување на ситуацијата. Германскиот тим беше меѓу најслабите во елитното натпреварување, а неодамна реши да излезе од сегашниот формат на Евролигата.