Евролига 2018/19: Реал го брани тронот, без македонски кошаркари во новата сезона

Нандо Де Коло

Најдобрата кошаркарска лига во Европа, Евролигата, започнува денес со четири натпревари, а тоа ќе биде 19-та сезона од модерната кошарка на континтентот. 

Како и минатата година, учество ќе земат 16 екипи од девет различни држави, кои ќе бидат поделени во две групи. Форматот нема никаква промена, тимовите ќе играат дома и гости, а на крај најдобрите осум ќе се пласираат во плеј-офот. Од друга страна, најлошите осум ќе бидат елиминирани.

Разигрувањето ќе се игра на максимални пет меча (прв до три победи), а најдобрите четири екипи ќе обезбедат место на „фајнал-фор“ турнирот. Завршницата ќе се одигра за време на еден викенд во „Фернандо Буеса Арена“ во Виторија, Шпанија.

Титулата од минатата сезона ја брани Реал Мадрид, кој покрај ЦСКА Москва и Фенербахче повторно ќе биде фаворит за освојување на трофејот. 

Тука ќе бидат и грчките гиганти, Панатинаикос и Олимпијакос, кои никогаш не смеат да се отпишат, а под знак прашалник во пресрет на сезоната се Барселона, Анадолу Ефес и Макаби, кои имаат проблеми во своите редови и прашање е колку ќе имаат можност да се носат со големите екипи.

Химки Москва ќе се бори за влез во плеј-офот втора година по ред, а тука ќе бидат уште Баерн Минхен и Дарушафака. Никој не и дава шанса на екипата на Будуќност, која заедно со шпанска Гран Канарија ќе биде меѓу аутсајдерите во овогодишната лига.