Евробаскет 2022: Фаворитите паѓаа со ред, Шпанија го покори „стариот континент“

Кошаркарското Европско првенство не мина според планот за најголемите фаворити. Уште во најавата на турнирот, како главни кандидати за злато фигурираа Словенија, Србија, Грција, меѓутоа тие со ред паѓаа низ разигрувањето во нокаут рундата, а на крајот „стариот континент“ го покорија Шпанците. 

Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо, Руди Гобер... тоа се само дел од ѕвездите кои продефилираа на можеби најсилниот Евробаскет досега. Европјаните се сила во НБА лигата во изминатите години, па поради тоа овој турнир ветуваше многу, а со неизвесноста и изненадувањата ги оправда очекувањата. Иако ако се гледа реалниот квалитет не славеа најквалитетните, сепак Европското првенство понуди многу возбудувања. 

На патот кон тронот, уште во првата нокаут рунда прва падна Србија, која го „положи оружјето“ против разиграните Италијанци. Во четвртфиналето следеа шокови и за Грција и Словенија, приклучувајќи се на Јокиќ и другарите меѓу елиминираните. Франција и Шпанија како главни фаворити продолжија во полуфиналето, таму ги оправдаа очекувањата и закажаа меѓусебна битка за тронот. „Фуријата“ на Серџо Скариоло мина триумфално низ финалето, освојувајќи го европскиот трон без притоа да користи ѕвезди од најсилната лига. Бронзата пак, ја освои селекцијата на Германија со победата над Полска во „малото финале“. 

Евробаскетот во 2022 година беше еден од најинтересните турнири досега, што е одлична увертира за овогодинешниот Мундобаскет.