• Саше Љолес

Ситуацијата во централниот и јужниот дел на Израел не е баш најдобра, откако се случи воениот напад од палестинската организација Хамас. Дел од клубовите им дадоа дозвола на странските спортисти да замина од земјата, а некои веќе се на друга безбедна дестинација.
Министерството за спорт и култура веднаш обезбеди неколку коридори и сигурни начини за спортистите кои играат во оваа земја, веднаш да можат да ги напуштат градовите во кои се наоѓаат. Многу фудбалски и кошаркарски тимови им помогнаа на своите играчи во заминувањето, а тука спаѓаат Макаби Тел Авив, Хапоел Бер Шева, Беитар Јерусалим, Хапоел Тел Авив и други.
Кошаркарскиот клуб Макаби требаше да одигра евролигашки натпревар против Олимпија Милано, но сѐ уште не е познато дали тимот ќе отпатува во Италија. Делови од Израел изгледаат како вистинска воена зона, а Министерството за одбрана започна и со евакуација на дел од населението кое е во најзагрозените подрачја.
Изненадувачкиот напад на Хамас започна пред два дена, а досега има над 40 убиени лица и повеќе од 700 ранети. Во земјата се одвива масовна мобилизација и е прогласена воена состојба.