Еуро Никел за дваесет минути го среди Пелистер

Екипата на Еуро Никел продолжи со победите во Првата лига и во рамки на второто коло на домашен терен сигурно славеше над битолски Пелистер (91-69).

Битолчани беа конкуретни само по првите десет минути, кога паднаа 46 поени и резултатот гласеше 19-27, а потоа Еуро Никел фати ритам и го сврте мечот во своја полза. За победата, доволни беа добри дваесет минути, во вториот и третиот квартал, за да се сврте мечот.

Ефикасноста во нападот посебно се покажа во вториот период, кога Еуро Никел постигна 32 поени наспроти петнаесетте на Пелистер и го сврте мечот во своја полза. Со уште десет пеколни минути по полувремето, се потврди триумфот.

Најдобар кај домашните беше Петровски со 24 поени, го следеше Марцете со 21 поен, додека кај пелистерци единствен кошаркар со двоцифрен учинок беше Мекиќ, кој реализира 16 поени.

Новиот прволигаш ФМП, пак, на домашен терен загуби од Куманово (80-93). Гостите имаа три добри периоди, наспроти еден на новајлијата, па запишаа нови два бода во новата сезона.

Миладиновиќ кај победникот постигна 22 поени, а Јанески имаше „дабл-дабл“ од 21 поен и 11 скока, додека Младеновиќ исто така заврши со „дабл-дабл“ од 13 поени и 10 асистенции. Кај ФМП, Харис беше светла точка со 29 поени.