Еуро Никел слави во драма, Чаир првпат сезонава загуби двапати во низа

Кошаркарите на Еуро Никел се радуваа на гостувањето кај Чаир 2030 со 92-96, во драматичен натпревар од десеттото коло на Првата македонска лига. По одличниот почеток на сезоната, чаирчани сега се во пад на формата и првпат претрпеа два порази во низа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Чаир 2030 и Еуро Никел:

Средбата тргна израмнето, се играше егал и на еден напади разлика. Првата предност, која не беше минимална, ја имаше домашниот тим (13-7), а на прва пауза се замина со 17-15. Стартот на втората четвртина беше исто така израмнет, за пред полувремето кавадарчани да изградат предност која првпат стана двоцифрена (36-50). 

Чаирчани се обидуваа да се вратат по паузата, а откако дозволија минус од 16 поени, тогаш врзаа добра серија и пријдоа на дефицит од пет поени. Еуро Никел се консолидира и пак дојде на двоцифрена предност, за во последната четвртина да се влезе со 63-72. Чаир 2030 успеа пак да се крене, ја врати неизвесноста и конечно стигна до егал на 83-83. На крајот во пенал завршница екипата од Кавадарци се радуваше на победата. 

Диванте Мофит имаше нова моќна партија со 38 поени, ама МекЕвен со 28 и Дубински со 25 го водеа Еуро Никел до победа, а „дабл-дабл“ (22 поени и 10 скока) запиша Врањеш.