• Зоран Мишевски

Полуфиналистот од плеј-офот минатата сезона, Еуро Никел од Кавадарци ја оправда фаворитската улога и во рамките на 14. коло во „Парк“ го совлада новиот прволигаш Чаир 2030 со 80-66.
Кавадарчани почнаа енергично, и шутот и скокот им одеше од рака и Гавриловиќ и Младеновиќ брзо донесоа +8. Френклин возврати со шест неодговорени поени, но на крајот од првата четвртина се замина со 24-18. Ветеранот Соколов со серија на поени ја одржа предноста во вториот квартал, кој го добија кошаркарите на Еуро Никел 2005 со 21-17 и на одмор заминаа со 45-33.
Мохамед и Френклин за момент го прекинаа домашниот монолог на почетокот од третиот квартал, за потоа Лука Стојановски и Гавриловиќ првпат да донесат двоцифрена предност. Двете екипи многу грешеа, процентот на шут беше катастрофален и во последната четвртина се влезе со 59-48. Момците на Самарџиев помалку грешеа, а и имаа на паркетот поискусни кошаркари, па без драма го добија дуелот во кој водеа во текот на сите четириесет минути со 80-66.
Најефикасни Еуро Никел 2005 беа Гавриловиќ со 17 и Лука Стојановски со 14 поени, а кај гостите од Чаир одличен натпревар одиграа Мохамед со 18 и Френклин со 19 поени. Ова е деветта победа во четиринесет натпревари за кавадарчани, кои благо ќе напредуваат на табелата, а Чаир 2030 останува на десеттото место со 17 бода.
- Комплетниот натпревар меѓу Еуро Никел 2005 и Чаир 2030:
Следниот викенд Еуро Никел 2005 го пречекува ТФТ Mozzart, а Чаир 2030 на домашен терен ќе го пречека Кожув.