Хернангомез му „удри корпа“ на Реал Мадрид за да остане во Панатинаикос!

И покрај бројните шпекулации дека би можел да ја продолжи кариерата во Реал Мадрид, Хуанчо Хернангомез останува во Панатинаикос. Првиот човек на грчкиот шампион, Димитрис Јанакопулос, јасно стави до знаење дека шпанскиот репрезентативец не е на продажба и дека клубот сака да го задржи што е можно подолго.

Јанакопулос во јавноста откри дека веќе разговарал со Хернангомез и му испратил јасна порака дека Панатинаикос смета на него и во иднина.

„Кој би го пуштил Хуанчо да си замине? Му реков да напише колку долго сака да остане во Панатинаикос, а ние ќе потпишеме“, изјави сопственикот на клубот.

Ернангомез има договор со Панатинаикос до летото 2027 година, но раководството веќе размислува за продолжување на соработката. Со ова практично се става крај на гласините за негово заминување, а Шпанецот останува важен дел од амбициозниот проект на „детелинките“.

Крилниот кошаркар беше еден од најдобрите поединци во тимот минатата сезона и има значајна улога во плановите на тренерот Жељко Обрадовиќ, кој и во новата сезона ќе смета на неговото искуство и квалитет.