Ентони Дејвис избегна операција, но го чека подолга пауза

Ѕвездата на Далас Маверикс, Ентони Дејвис, нема да мора да оди на операција, но сепак го очекува подолга пауза и отсуство од терените во период од шест до осум недели, објавија американските медиуми.

Триесет и двегодишниот центар ја повреди левата рака за време на поразот од Јута Џез минатата недела, откако се судри со Лаури Марканен во еден дефанзивен дуел. Првичните проценки укажуваа дека операцијата е речиси неизбежна, но според информациите на ЕСПН, медицинските прегледи покажале дека проблемот може да се третира конзервативно. И покрај тоа што нема да биде опериран, десеткратниот Ол-стар ќе мора да мине низ внимателен процес на рехабилитација, што значи дека Далас подолго време ќе биде без еден од своите клучни играчи.

Во меѓувреме, ситуацијата околу иднината на Дејвис во Тексас станува сè поинтересна. Иако е повреден, Маверикс не ги прекинале разговорите за евентуален трејд, откако неколку НБА клубови покажале сериозен интерес за услугите на искусниот центар. Преодниот рок во НБА лигата завршува на 5 февруари, што остава ограничен, но важен временски прозорец за евентуални трансфери.

Честите повреди му создаваат сериозни проблеми на Дејвис уште од неговото доаѓање во Далас во февруари 2025 година, кога беше вклучен во еден од најголемите трејдови во последната деценија, размената со Лос Анџелес Лејкерс, во која Лука Дончиќ се пресели во Калифорнија. И покрај ограничената минутажа оваа сезона, Дејвис има солиден индивидуален учинок, со просек од 20,4 поени и 11,1 скока по натпревар, но неговото отсуство дополнително ја отежнува ситуацијата за Далас.

Маверикс моментално се наоѓаат на 12. место во Западната конференција, со биланс од 15 победи и 25 порази, а борбата за плеј-ин позициите станува сè покомплицирана без еден од столбовите на тимот.