• Горан Упале
Емил Рајковиќ повеќе не е тренер на Тофаш, откако турскиот клуб денеска преку официјално соопштение потврди дека е прекината соработката со македонскиот стратег.
Рајковиќ ја презеде тренерската функција на почетокот од сезоната, но не ја дочека нејзината завршница на клупата на тимот. Слабите резултати, особено серијата порази во ФИБА Лигата на шампионите, беа клучната причина раководството на клубот да се реши за промена и да побара ново тренерско решение.
„Решивме да се разделиме со нашиот почитуван тренер и му се заблагодаруваме за неговиот придонес во нашиот клуб и кошарката во Бурса. Му посакуваме многу среќа во следната фаза од неговата кариера“, напишаа од Тофаш.
Рајковиќ во Турција дојде откако претходно беше на чело на ЦСКА Москва, а во својата кариера уште работеше во Автодор, Астана, Штал Остров, Сласк, МЗТ, Работнички и Фени.
