• Саше Љолес
Актуелниот најкорисен кошаркар (МВП) на НБА лигата, Џоел Ембид, пред само неколку дена одлучи да настапува за репрезентацијата на Соединетите Американски Држави. Високиот кошаркар на Филаделфија за првпат проговори на оваа тема и рече дека „донел правилна и историска одлука“.
„Беше тешко да се одлучам, во игра беа три опции. Можев да играм за родниот Камерун, Соединетите Американски Држави и за Франција. Многу ми е драга родната земја, но мојот сон од детството беше да заиграм на Олимписките игри.
Мојот син е Американец, овде сум веќе неколку години и навистина се чувствувам како дома. Мислам дека донесов правилна и историска одлука. Сакам да ѝ помогнам на репрезентацијата и да го вратиме нејзиниот сјај. Соединетите Американски Држави ги има најдобрите кошаркари во светот и тоа ќе го докажеме во Париз“, изјави Ембид.
Соединетите Американски Држави ќе допатуваат во Франција со новиот „дрим-тим“, во кој ќе учествуваат многу супер-ѕвезди на НБА лигата. Џоел Ембид ќе биде одлично засилување на центарската позиција, а американските кошаркари сигурно ќе бидат главни фаворити за освојување на златниот медал.