Ембид: Размислував да ја оставам кошарката по првата сезона во НБА

Камерунскиот кошаркар кој ги брани боите на Филаделфија 76ерс, Жоел Ембид, размислувал да ѝ стави крај на својата кошаркарска кариера, поради многубројните повреди со кои се здобиваше во минатото.

Во интервју за „ЕСПН“, тој призна дека на почетокот на кариерата имал многу проблеми и дека по „руки“ сезоната во НБА-лигата размислувал да се повлече од кошарката.

„По мојата прва сезона во НБА-лигата дознав дека мора да правам втора операција, а потоа почина и мојот брат. Речиси и да престанав да играм кошарка во тој период. Размислував како едногодишната плата ми е доволна за живот во Камерун и сакав да се вратам таму“, изјави Ембид.

Членот на Филаделфија оваа сезона е еден од најдоминантните кошаркари во НБА и во просек дава 27 поени, со 13,4 скока и 3,5 асистенции по меч.