Ефремовски: Во новата година сакам „двојна круна“ со Работнички!

Виктор Ефремовски од Работнички за првпат во кариерата го понесе признанието за најдобар млад кошаркар според Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Скромниот гостиварчанец изрази задоволство од добиената награда, а во новата година посака нови успеси во дресот на Работнички, како и во оној на македонската кошаркарска репрезентација.

„Се чувствувам среќно и задоволно што првпат во кариерата го имам во свои раце признанието за најдобар млад кошаркар. Ова ми е прва награда, која ми дава посебна мотивација да продолжам да работам во ист ритам, но воедно е и обврска за в година да бидам многу подобар. Голема благодарност до тимот, до стручниот штаб, до навивачите и семејството, оваа награда немаше да ја освојам без нивната поддршка“, истакна Ефремовски.

Во ланската сезона, Виктор Ефремовски освои трофеј во младинска и во сениорска со Работнички. Со тимот на Докузовски, го загуби Купот на Македонија од лутиот ривал МЗТ, но посакува новата година да му донесе обединети титули со центарци.

„Во годината што изминува ги освоивме младинските титули со Работнички, бев прогласен за МВП, а потоа следеше и победата со Работнички во сениорскиот шампионат. Се надевам дека и во 2019 година ќе ги повториме истите успеси со младите, а со сениорите на Работнички ја сакам двојната круна“, заврши младиот кошаркар.

Ефремовски оваа година добива поголема минутажа во Работнички, а центарци по полусезоната се наоѓаат на делба на лидерската позиција со Блокотехна, затоа што и двата тима имаат скор 9-1.