Ефремовски: Очекувам уште подобро издание во Баку

Виктор Ефремовски одигра солиден натпревар против Луксембург пред неколку дена во Скопје. Откако влезе во игра, во краток временски период испорача десет поени, и даде силен придонес во креирањето на двоцифрената предност, која беше некоја константа низ текот на дуелот во „Градски парк“.

На крајот, додаде уште три поени, доволно за потврда на добрата игра при враќањето во националниот тим.

„Немавме многу време за работа со селекторот, но тој паметно го искористи секој момент и резултатот што го постигнавме за само неколку дена е навистина за почит. Одиме напред, чекор по чекор“.

Бекот шутер во нашата селекција е задоволен од својот индивидуален ефетк иако е ставен во служба на колективот:

„Задоволен сум од мојата игра и од играта на останатите, сите вложивме голем труд. Сега фокусот е на она што следи, дуелот со Азербејџан, и очекувам уште подобро наше издание во Баку“, додаде тој.

Натпреварот против Азербејџан го играме утре со почеток од 17:00 часот. Македонија е лидер во групата со три победи од исто толку натпревари.