• Саше Љолес
Македонскиот репрезентативец Виктор Ефремовски, по победата над Луксембург (80-66) истакна дека дисциплината и почитувањето на тактичките замисли на стручниот штаб биле клучот за уште едно убедливо издание на македонската селекција.
„Црвено-жолтите“ убедливо го освоија првото место во групата А и со голема самодоверба ќе го очекуваат вториот претквалификациски циклус за Европското првенство.
„Одигравме одличен натпревар против Луксембург и можам да кажам дека заслужено завршивме на првото место во групата. Во текот на целиот меч се држевме до тактиката на селекторот, што на крајот ни донесе посакуван резултат.
Среќни сме што ја завршивме првата фаза како лидери и што обезбедивме пласман понатаму. Сега останува да продолжиме со истата посветеност и во следните квалификации, каде што ќе дадеме сè од себе за нови успеси“, изјави Ефремовски.
Македонија е единствената репрезентација во првата фаза од претквалификациите што го заврши циклусот без ниту еден пораз. Следниот предизвик за нашите најдобри кошаркари ќе биде втората рунда од претквалификациите, која започнува на 27 август.

