Ефремовски: Ако ја задржиме енергијата од Австрија, можеме до првото место

Македонија со стил ја отвори втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029. Нашата најдобра машка селекција на гостински терен во Виена ја совлада Австрија со убедливи 59-91, во натпревар во кој од самиот почеток ја презеде контролата и не му дозволи на противникот да се врати во игра.

Еден од најзаслужните за убедливиот триумф беше Виктор Ефремовски. Mакедонскиот репрезентативец одигра одличен натпревар и беше најефикасен македонски кошаркар на средбата. Според Ефремовски, сепак, клучот за убедливата победа беше тимската игра и одличната одбрана, а дополнителен мотив за репрезентацијата беше тоа што конечно настапи во речиси полн состав.

„Мислам дека одигравме добар натпревар против Австрија. Најважно беше што одигравме добра одбрана и мислам дека токму тоа беше клучот за натпреварот. Како екипа бевме борбени, си помагавме еден на друг и не им дозволивме лесно да доаѓаат до поени. Конечно бевме речиси во полн состав и тоа многу ни значи. Кога сме сите заедно, многу полесно се игра, а особено кога е Нено со нас. Со него многу полесно функционираме и на теренот имаме повеќе опции.

Нè очекуваат важни натпревари во февруари против Кипар и повторно против Австрија. Целта ни е јасна сакаме да завршиме како први во групата и да обезбедиме пласман во квалификациите за Европското првенство. Верувам во оваа екипа и мислам дека имаме квалитет да го направиме тоа. Сега најважно е да продолжиме да работиме, да бидеме здрави и што почесто да бидеме во полн состав. Ако ја задржиме оваа енергија и пристап, верувам дека можеме да ги оствариме целите“, порача Ефремовски.

Македонија во февруарскиот прозорец ќе се соочи со Кипар и повторно со Австрија, а целта е освојување на првото место во групата и пласман во квалификациите за Европското првенство.