Ефес врза три победи, Барселона со серија победник во шпанското дерби

Актуелниот европски првак Анадолу Ефес си ја заврши задачата и со победа кај Виртус Болоња (80-85) врза три победи во серија во кошаркарската Евролига и покажа дека кризата е зад него.

Ергин Атман е без Шејн Ларкин, но и покрај тоа тимот полека фаќа залет на европската сцена. Ефес имаше доминантен меч, во еден момент водеше и со 12 поени во последниот период, а иако Болоња по еден пад се врати, сепак, не направи сензација. Клибурн со 21 и Беабоу со 19 поени беа најдобри поентери кај Ефес, а нивната забава не успеа да ја расипе Данецот Лундберг со 22 поени. 

Монако се коцкаше, иако водеше со 11 поени на пет минути пред крајот, едвај го победи Баерн Минхен (80-79). Окобо беше прв поентер со 16 поени, пред Диало и Џејмс со по 13 поени, додека кај германскиот бундеслигаш Обст имаше добар меч со 18 поени.

Грчки Панатинаикос му подели убедлива кошаркарска лекција на Авсел пред својата публика во Атина (77-58). Бејкон блескаше очекувано со 25 поени кај победникот, поддршка му беше Полјакот Понитка со десет, а кај францускиот тим Понс даде 11 поени.

Шпанското дерби ѝ припадна на Барселона која ја доби Басконија со 96-84, иако и на овој меч беше без главниот играч Никола Миротиќ кој уште е повреден. Пресуди финишот од средбата во „Палау Блауграна“ кога фаворитот од 76-76, замина на 90-80. Јан Весели даде 18 поени, пред Кори Хигинс со 17 поени, додека кај ривалот, Хауард реализира 25 поени.